Хуманоста не познава години

Во рамките на нашата општествено одговорна иницијатива „Од срце за срце“, вработените од М Кеш – Охрид, инспирирани од искрена желба да направат нешто значајно, ја реализираа својата хуманитарна акција насочена кон едни од најранливите категории – пациентите згрижени на одделението за Геријатрија при Општата болница Охрид.
По претходно истражување и контакт со одделението, дознавме дека таму моментално се згрижени 25 пациенти, претежно постари и изнемоштени лица кои имаат ограничен пристап до основни лични и прехранбени потреби. Затоа, како тим, се обединивме со јасна цел – да подготвиме пакети со сè што ним им е најпотребно, и да им покажеме дека грижата и вниманието не се изгубени вредности.
Во пакетите беа вклучени средства за лична хигиена, козметички производи и основни прехранбени продукти – внимателно одбрани според реалните потреби на пациентите. Покрај материјалната поддршка, она што го донесовме беше и нешто повредно – време, присуство и искрен разговор. Средбите со пациентите беа исполнети со емоции, насмевки и топли зборови – моменти што потврдуваат дека понекогаш највредни се токму малите, искрени човечки гестови.
Оваа акција за нас беше лична мисија, да внесеме топлина таму каде што често владее осаменост – потсетник за сите нас дека достоинствената старост заслужува почит, внимание и поддршка.
Во М Кеш веруваме дека општествената одговорност започнува од секој поединец. Нашите вработени, со иницијатива и сопствена мотивација, се доказ дека компанијата е жива кога луѓето во неа делуваат со срце.
Продолжуваме и понатаму, да слушаме, да разбираме и да делуваме. Од срце за срце.