Приказна што започнува со едно септемвриско утро

Септември. Месец што потсетува на почеток. На нова страница во тетратка, на прва буква напишана со рачиња што сè уште учат како да го држат пенкалото. Месец кога срцата на децата чукаат побрзо – од возбуда, од љубопитност, од желба да научат, да пораснат, да бидат „големи“.
Но, не сите деца го чувствуваат истиот трепет.
Не сите деца го започнуваат септември со полна училишна торба.
За некои, почетокот на учебната година значи поглед во празни рафтови, неизговорено прашање во очите на родителите и надеж што тивко избледува.
Тие деца не се гласни. Не бараат. Не се жалат. Тие само гледаат. Молчат. И чекаат.
Да бидат видени. Да бидат слушнати. Да бидат запомнети.
Токму затоа, во рамките на иницијативата „Од срце за срце“, изминатиов месец направивме чекор. Мал на изглед – но огромен во значење.
Подготвивме 80 специјални комплети за деца од рурални подрачја низ Македонија. Внимателно одбрани, со љубов спакувани и со мисла на оние кои растат во социјално загрозени семејства. На деца чии соништа се големи, иако нивниот свет е мал.
Секој комплет беше приказна
Во секој комплет вложивме топлина, мисла и љубов. Вложивме порака, дека не се сами и дека некој таму, без да ги знае по име, верува во нив.
Во секој комплет вложивме нешто што не се мери во пари:
- Торба со врвка која може да се обои – затоа што секое дете заслужува да ја обои својата иднина со бои по свој избор
- Мал сет за боење во дрвена кутија – нешто што ќе го чуваат, ќе го сакаат, нешто само нивно.
- Боички во сите бои на виножитото – затоа што нивниот свет не треба да биде сив.
Подаривме нешто што не се купува
Ги предававме пакетите со топли зборови и насмевки, но она што го добивме за возврат беше непроценливо. Љубопитни очи кои се ширеа од возбуда. Раченца што со треперење ги отвораат подароците. Ги гледавме насмевките што се појавуваа ненадејно – искрено, широко, детски. А во тие насмевки – благодарност. Радост. Надеж.
Некое девојче го гушкаше пакетчето како да ѝ беше најдрага играчка. Момче веднаш почна да ги брои боичките. Друго праша:
„Ова е само за мене?“
Да. Само за тебе. Само за твојата приказна, твојот свет, твојот почеток.
Од срце за срце – затоа што се брои секое детско „благодарам“
Среќни сме што со оваа акција, подаривме внимание и верба. Секое дете– заслужува љубов, можност и поддршка.
Ние веруваме дека соништата не треба да зависат од околности. Веруваме дека секое дете заслужува да расте со чувство дека не е само.